Интервјуа
понеделник, 11 март 2013 15:08
Најголемиот успех е што не го испуштивме возот за ЕУ. Мислам дека тројката што беше овде силно ќе застане зад Македонија за да добие позитивен пролетен извештај од Европската комисија, вели Бесими
Исклучително е важно што со решавање на политичката криза Македонија успеа да каже „да“ за европската агенда, при што на преден план се ставија интересите на граѓаните, вели во интервју за „Дневник“ Фатмир Бесими, нов вицепремиер за евроинтеграции. Наследникот на Теута Арифи најавува дека до јуни ќе направи европска турнеја за да ги убеди земјите-членки на ЕУ во јуни да дадат поддршка за Македонија да ги почне преговорите за членство. Најавува дека ќе се сретне и со шефот на грчката дипломатија, Димитрис Аврамопулос, со кој веќе се запозна додека двајцата беа министри за одбрана.
Можеме ли да се согласиме со коментарот на еврокомесарот Филе на „Твитер“ дека земјата се враќа на европскиот пат?
- Да секако, тоа е наједноставната порака со која може да се отслика сегашната позиција на Република Македонија. Веќе во Брисел беше запален алармот дека државата сериозно ги загрозуваше својот имиџ и патот кон европската интеграција. Тајмингот што е дефиниран за земјата во овој период можеше да се испушти, што ќе беше исклучително лошо за реформските процеси и ќе имаше негативно влијание не само врз евроинтеграциите туку и врз инвестициите.
Европската тројка рече дека кризата е доцна надмината, но се надева - не предоцна. Мислите ли дека, сепак, кризата ќе има влијание врз пролетниот извештај?
- Најголемиот успех е што не го испуштивме возот за ЕУ. И пораката што ја добив при посетата на Брисел е дека Македонија со таквата состојба ја загрозуваше својата европска иднина и се враќаше назад, со што се ставаше под знак прашалник исполнувањето на Kопенхашките критериуми – кои се клучни. Веќе имаше најави од земји-членки да се оспори подготвеноста на земјата за започнување на преговорите со ЕУ, што значи покрај името, ќе се отвореше и нова тема - политичките критериуми. Мислам дека по ова што се постигна, тројката што беше овде силно ќе застане зад Македонија за да добиеме позитивен извештај. Пораката што ја кажа Ховит е дека ќе ја убедат ЕУ дека политичарите во Македонија ги надминаа своите партиски предизвици и ќе побараат солидарност и од земјите-членки и тие да ги надминат своите национални прашања.
Реално ли е да се очекува Грција и Бугарија да покажат таква солидарност или, пак, како што веќе се покажа во Европскиот парламент, ќе инсистираат политичката криза негативно да влијае врз извештајот?
- Македонија го направи вистинскиот потег. Тоа беше многу важен ден за државата и ќе биде запаметен по тоа дека се надмина уште еден предизвик и цврсто се застана зад европската агенда. Сега ние, со нашиот ангажман, треба да го надоместиме тоа што е пропуштено во овој период, да ја исполниме реформската агенда. Во меѓувреме посакувам тие што се директно вклучени во преговорите за името да постигнат напредок.
Очекувате ли во јуни да добиеме датум за преговори?
- По природа сум оптимист и верувам дека ако сме сериозно посветени, тоа може да се постигне. Сепак, би рекол до успехот има уште многу работа. За март е договорено да има средба на Високиот пристапен дијалог каде што ќе се разгледа досегашниот напредок според дефинираните приоритети: слобода на изразување, владеење на правото и меѓуетничко почитување, изборниот законик, реформа во јавната администрација и функционална пазарна економија. Исто така, согласно декемвриските заклучоци на Советот, важно е да има напредок во добрососедските односи и преговорите за името, со цел да се отвори патот за членство во ЕУ.
Дали би биле спремни да туркате идеја да почне процесот на скрининг (испитување на усогласеноста со правото на ЕУ) во случај во јуни да не добиеме датум?
- Секако. Ние имаме една дефинирана агенда на реформи која ќе ја туркаме. Политичкиот дијалог е доказ дека не стоиме само декларативно зад европската агенда. Во однос на креативните решенија, тоа е опција што никогаш не ја пропуштаме. Предизвикот што ни стои, тоа е прашањето за името, ние не сакаме да ни биде пречка во реформите и идејата ни е да се движиме со брзината со која врви возот на ЕУ. Што значи, во моментот додека го решаваме прашањето за името, да не стоиме в место. Kреативните решенија се алтернативни варијанти, но пред с` е потребна реформска агенда, лобирање со колегите од ЕУ и консензуална поддршка на сите политички партии за да се надмине спорот за името.
Дали со начинот на кој се реши политичката криза покажавме дека без покровителство однадвор не умееме да ги надминеме партиските интереси кога се работи за интересите на државата?
- Тоа може да се интерпретира и така, меѓутоа, да ги ставиме работите во афирмативен контекст, што подразбира дека ЕУ ја гледа Македонија како свој дел и не е рамнодушна кон она што се случува овде. Значи, ова е уште еден доказ дека ние де факто сме поблизу до ЕУ. Замислете Унијата да не беше заинтересирана за нас. Секој политичар во Македонија треба да биде свесен дека со потезите што ги прави директно влијае врз евроинтеграцијата на земјата.
Да соработуваме за да одиме напред
Дали на владини седници ќе има две празни столчиња меѓу Вас и премиерот Груевски?
- Одговорот е едноставен. Ние сите сме заинтересирани Македонија да оди напред и сите граѓани на земјата да живеат подобро. Соработката е неопходен услов за да успееме во оваа цел. Понекогаш можеби се разликуваме во нашите идеи како може тоа да се постигне, меѓутоа, намерите се искрени - сакаме земјата да напредува.
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=1E2E3BA6561A9C4F8986B06756B6E26B