Новости
вторник, 14 мај 2019 12:47
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар
Османи, денеска на Универзитетот „Мајка Тереза“ - Скопје беше дел од
симулацијата на состанок на Европскиот совет што ја организираа и изведоа
студентите. На симулираниот состанок Советот донесе одлука со која на Република
Северна Македонија ѝ се додели датум за почеток на преговорите со Европската
унија.
„Ми претставува огромно задоволство на денешната симулација на
Европскиот Совет организирана од страна на студентите, како Состанок - Самит на
кој ѝ се доделува на Република Северна Македонија датум за почеток на
преговорите, да ги бранам позициите на земјава и да образложам пред студентите
- шефови на држави и Влади на земјите-членки на Унијата, зошто треба и зошто
Северна Македонија заслужува одлука за почеток на преговорите со ЕУ“- истакна
Османи.
„Република Северна Македонија е подготвена за старт на преговорите уште
веднаш. Имаме создадено сериозен напредок во сите области наведени во
заклучоците на Самитот на ЕУ од минатата година, реформите почнаа да вродуваат
и со плод и да создаваат т.н. „трак - рекорд“; имаме исклучителен политички
напредок преку договорите од Преспа, договорот со Бугарија, но и од аспект на
внатрешната кохезија создадена со Законот за јазици, успешно избраниот
консензуален кандидат за Претседател, Стево Пендаровски, но и многу други
успеси на земјава“- додаде Османи.
Во овој контекст тој посочи дека одлуката од страна на Советот со која
на Република Северна Македонија ѝ се доделува датум за почеток на преговорите
со Европската Унија претставува потврда на целокупниот напредок, фер-однос и на
Европската Унија и на земји - членки кон сопствените ветувања, но истовремено и
поттик и за останатите земји од регионот, дека е потребен искрен и автентичен
напредок и дека истиот се цени и соодветно се валоризира.
За време на настанот Вицепремиерот Османи го претстави и проектот - „Со
европско знаење до европската престолнина“, конкурс наменет за студентите по
општествени науки при државните универзитети, за кој конкурсот е во тек и кој
има цел да ја доближи атмосферата и активностите врзани за европските
интеграции, како и обврските на нашата земја на патот кон членството во ЕУ.
Во оваа насока тој додаде дека во рамките на проектот студентите на
општествените науки при државните универзитети, преку учеството на конкурсот со
изработка на есеи, имаат можност да го покажат своето европско знаење, а
најдобрите 12 ќе добијат шанса да ја почувствуваат атмосферата во Брисел, преку
тридневна студиска посета на европската престолнина, каде што ќе имаат прилика
да ги посетат клучните институции на ЕУ, како и да се запознаат со начинот на
нивната работа.