Вработените од Секретаријатот за европски прашања
предводени од Заменик претседателот на Владата, задолжен за европски прашања,
Бујар Османи, денеска учествуваа во акцијата „БИДИ ДЕЛ ОД ЧИСТА
ИДНИНА“ за чистење на диви депонии во организација на ЈП
„Комунална Хигиена“ и градот Скопје испраќајќи јасна порака за важноста
од совесното постапување со отпадот и одржувањето на чистата околина.
„Посебно сум горд на вработените во Секретаријатот за европски прашања кои покажаа
пристојно ниво на свест, на зрелост, за важноста од нашето присуство на ваквите
активности, со кои секако најпрво ја покажуваме нашата култура, нашето домашно
воспитание, но не можеме а да не препознаеме дека се работи и за европскиот контекст
на цивилизациски вредности, како одговорност и зрелост самите да се погрижиме
сопствената околина да ни биде чиста и убава“ – изјави Османи, упатувајќи
задоволство и од масовноста во вклучувањето на младите во акцијата, претставени
преку голем број средношколци и студенти.
Акцијата за чистење има за
цел подигнување на јавната свест за штетноста од несовесното постапување со
отпадот и опасноста од создавањето диви депонии што директно ја загрозуваат
животната околина и претставуваат закана за здравјето на граѓаните. Истата се
одвиваше истовремено во сите скопски општини, на различни локации, а во неа
покрај администрацијата на ЈП „Комунална Хигиена“ и општините, учествуваа и студентите од сите скопски
универзитети, претставници од невладиниот сектор, како и средните и основните
училишта.