Новости
недела, 31 март 2019 15:06
Заменик претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска одржа отворен брифинг со претставниците на средствата за јавно информирање на кој беше направен пресек на состојбите поврзани со европските интеграции, со посебен акцент на имплементираните реформи, на постигнатите резултати, начинот на кој институциите се адаптираат на реформите, претстојните избори, и останатите процеси - а во пресрет на претстојниот Извештај на Европската Комисија и јунските самити на Европската Унија.
„Изминативе скоро 2 години поминавме исклучително напорен и интензивен процес кој во себе содржеше голем број политички предизвици, како што беа договорите со Грција и Бугарија, а успеавме да создадеме консензус и за Законот за Јазици; потоа успеавме да усогласиме голем број системски реформски промени во делот на реформата на правосудството и реформата на безбедносните служби, создавајќи притоа институции по европски стандарди чија работа почна да дава резултати и во борбата против организираниот криминал и корупција“- истакна Османи давајќи отчет на сработеното во изминатиов период од аспект на реафирмација на довербата во државата, довербата во институциите и враќањето на земјата на европскиот и евроатланскиот пат.
„Направивме промени во некои од институциите во транспарентна и мериторна постапка, потоа формиравме и нови институции согласно реформите, почна да функционираат дел од овие реформирани институции и најважно, овој напор почна да се забележува, т.е. да се создава т.н. ‘трак рекорд’ или видливи резултати од реформите, што е секако најважно и за граѓаните, но претставува и важен бенчмарк за нашите европски интеграции“ - додаде Османи, посочувајќи дека очекува овој реформски моментум да биде јасно изразен во престојаниот Извештај на Европската Комисија, за кој додаде дека очекува да биде најдобар досега, со јасно посочени области каде е евидентиран напредокот.
„Имаме одлична можност да ги убедиме сите земји – членки дека преговорите со Република Северна Македонија претставуваат взаемен интерес, во насока на остварување на европските приоритети за побезбедна, постабилна и просперитетна Европа“ – истакна Османи, посочувајќи ја земјава како партнер на Европската Унија во имплементацијата и проширувањето на европската идеја на Балканот.