Новости
петок, 08 март 2019 14:41
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи денес беше домаќин на делегација од Република Грција предводена од Алтернативната министерка за надворешни работи, Атанасиа Анагностопулу.
На средбата беа отворени темите поврзани со евроатлантските интеграции на земјата, исполнувањето на обврските кои произлегуваат од Преспанскиот договор, грчката поддршка за отпочнување на преговорите за членство на Република Северна Македонија со ЕУ, билатералната соработка меѓу двете земји, особено прекуграничната соработка која подолго време се реализира со средства од ИПА, како и можностите за регионална соработка.
„Потпишувањето на Договорот од Преспа ја одбележа новата ера на билатерални односи помеѓу нашите земји, а периодот кој ни претстои ќе го одбележи новиот моментум во евроинтегративниот процес на Северна Македонија со очекуваната конфирмација на одлуката за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ“, истакна Османи, притоа посочувајќи дека напредокот во политичките односи помеѓу Грција и Северна Македонија ќе се потврди со силната грчка поддршка во претстојниот период, пред јунските самити.
Во рамките на средбата Вицепремиерот Османи и Министерка Анагностопулу разговараа и за можностите за соработка помеѓу администрациите на двете земји за унапредување на соработката и размената на искуства во текот на подготовките на администрацијата и останатиот дел од преговарачката структура за успешен старт на преговорите со Европската Унија.