Новости
среда, 06 март 2019 14:35
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар
Османи, во рамките на денешната работна посета на Република Словенија имаше
средба со Заменик Претседателот на Владата на Република Словенија и министер за
надворешни работи, д-р Миро Церар, на која беа отворени темите поврзани со европската
интеграција на земјата во насока на отпочнување на пристапните преговори со
Унијата, динамиката на спроведување на реформите предвидени во Планот 18, како
и очекувањата од претстојните јунски самити.
„Континуираното пријателство меѓу двете земји, но и блискоста на двата
народа, ми даваат за право да побарам цврста поддршка од страна на Република
Словенија за Европските интеграции на Република Северна Македонија, и тоа не
само како глас за конфирмација на одлуката за почеток на преговорите на
јунските самити на Европската Унија, туку и на поддршката во промоцијата на
нашата приказна и кај останатите земји - членки, промоција на успешната
приказна на Балканот, која секако заслужува да биде поддржана во интерес на
промоција на европските вредности во регионот“, истакна Вицепремиерот Османи на
средбата, посочувајќи ја интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, и неговата
европска трансформација, како взаемен интерес на двете земји кои имаат директен
бенефит од безбедноста и стабилноста на регионот.
На средбата Османи изрази голема благородност до колегата Церар, но и
до Владата и народот на Република Словенија, за брзата ратификација на
протоколот за НАТО, први после Грција, со што, како што истакна Османи,
Словенија го реафирмирала пријателството меѓу двете земји, но и блискоста на
двата народи.
Во рамките на посетата на Словенија Вицепремиерот Османи оствари средби
со Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Република
Словенија, Добран Божич и со Програмската директорка на Центарот за европски
перспективи, Андреја Долничар Јерај.