Новости
петок, 01 февруари 2019 14:49
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кој е во работна посета на Република Финска, оствари средба со Нина Нуркала специјална советничка за европски прашања на Премиерот Јуха Сипилја, како и со делегацијата на Министерството за надворешни работи, предводена од Државниот секретар, Самули Виртанен. Во рамките на посетата на Финска, Османи оствари посета и на Финскиот Парламент, каде имаше средба со делегацијата на Комисијата за Европски прашања, предводена од Претседавачот, Артон Сатонен.
„Сведоци сме на веројатно најтурбулентниот период за европскиот континент од втората светска војна па наваму. Брегзит, напливот на популизмот, радикализмот и екстремизмот, хибридните закани, но и притисокот на миграцијата како предизвици ќе кулминираат оваа година, особено во насока на политичките турбуленици кои се создаваат во пресрет на европските избори“ беше истакнато од страна на соговорниците, посочувајќи ја борбата за европската идеја како важен фактор во зачувувањето и одржувањето на стабилноста и просперитетот на континентот.
„Наша цел е да бидеме дел од европската идеја, градејќи стабилна и функционална мултиетничка демократија, која почива на европските вредности на владеење на правото, на слобода, еднаквости и солидарност“ истакна Османи на средбата, посочувајќи на соговорниците дека можат да ја сметаат Македонија како стабилен и важен партнер за одржување на мирот и стабилноста на Балканот.
Во рамките на посетата беа отворени и прашањата за билатералната соработка во рамките на институциите на двете земји, парламентите, но и програмите за размена на искуства, билатералната помош и предизвиците за распределбата на претстојните ИПА средства.
Претходно, Османи оствари средба и со неговиот домаќин, Министерот за Европски прашања, Само Терхо, на која беа отворени темите за процесот на проширување на Унијата со земјите од западниот Балкан, како и евроатлантските перспективи на Македонија
На маргините на средбата, Османи имаше можност да го посети и т.н. „Европскиот центар на извонредност“ (European Center of excellence), посветен на борбата против современите хибридни закани, кој работи под покровителство на Европската Унија и НАТО, а се наоѓа во Хелсинки.