Новости
петок, 01 февруари 2019 14:36
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кој е во работна посета на Република Финска, оствари средба со Министерот за Европски прашања, Само Терхо, на која беа отворени темите за процесот на проширување на Унијата со земјите од западниот Балкан, како и евроатлантските перспективи на Македонија
„Доаѓам во веројатно најважниот период за нашите европски интеграции, веднаш по успешната имплементација на Договорот од Преспа, што претставува историска пресвртница не само за нашата земја, туку и за целиот регион “ истакна Османи на почетокот од средбата. Тој посочи дека успехот на Македонија, да ги затвори практично сите отворени политички прашања, и да се наметне како единствена земја на Балканот, без ниту едно посериозно отворено прашање, претставува успех на европската идеја на Балканот, и ќе претставува поттик и за останатите земји во создавањето доверба кон оваа идеја. „Тука секако мислам на дијалогот Приштина – Белград, чии успех ќе значи целосна интеграција на Балканот во рамките на евроатлантските структури, што ќе претставува значен чекор во создавањето на побезбедна, постабилна и попросперитетна Европа“ истакна Османи.
Презентирајќи ја динамиката на спроведувањето на реформите од Планот 18, Османи ја потенцираше интенцијата на Владата да ги имплементира практично сите преземени обврски, создавајќи со тоа услови за чиста и беспрекорна препорака од страна на Европската Комисија, која би водела до конфирмација на одлуката за почеток на преговори од страна на Европскиот совет во јуни оваа година.
„Европската идеја на Балканот има смисла само доколку процесот добие вистинска валоризација преку конфирмација на одлуката и почеток на преговори со Македонија од страна на Европскиот совет во јуни оваа година“ истакна Османи, изразувајќи надеж дека во рамките на претседателството на Финска со ЕУ, во втората половина од оваа година, Македонија и ЕУ ќе ја реализираат и првата меѓувладина седница, со што и формално ќе започнат билатералните преговори.
Имајќи ја предвид успешната примена на двојазичност во рамките на финската администрација, каде покрај финскиот, во целосна службена употреба е и шведскиот јазик, Османи побара поддршка во знаење, размена на искуство и начин на имплементација согласно потребите за усогласување на администрацијата и во Македонија со новиот закон за употреба на албанскиот јазик.
Во рамките на посетата на Владата на Финска, Османи оствари средба и со Нина Нуркала специјална советничка за европски прашања на Премиерот Јуха Сипилја, како и со делегацијата на Министерството за надворешни работи, предводена од Државниот секретар, Самули Виртанен. Во рамките на посетата на Финска, Османи оствари посета и на Финскиот Парламент, каде имаше средба со делегацијата на Комисијата за Европски прашања, предводена од Претседавачот, Артон Сатонен. На маргините на средбата, Османи имаше можност да го посети и т.н. „Европскиот центар на извонредност“ (European Center of excellence), посветен на борбата против современите хибридни закани, кој работи под покровителство на Европската Унија и НАТО, а се наоѓа во Хелсинки.