Новости
вторник, 29 јануари 2019 09:07
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи оствари средба со Министерот за надворешни работи на Република Литванија, Линас Линкевичиус кој е во работна посета на нашата земја.
На средбата беа отворени темите за предизвиците со кои се соочува нашата земја на патот кон членството во ЕУ, за поддршката од страна на Литванија за нашиот евроинтегративен пат, како и за предизвиците кои ја очекуваат Европската Унија оваа година.
„Европската Унија
влегува во еден од најтурбулентните периоди од своето постоење, обременет со
предизвикот за финализација на Брегзит, упад на популизмот и радикализмот во
политичките системи на земјите - членки, како и геополитичкото раздвижување по
целата периферија.“ истакна Османи, посочувајќи го напредокот на Македонија во
процесот на европските интеграции, како заеднички успех на земјата и Унијата.
„Успехот на
Договорот од Преспа е секако најзначаен за нас, отворајќи го патот за нашето
членство во ЕУ и НАТО, но секако претставува и победа на прогресивните европски
сили на целиот континент, директно посочувајќи на позитивната моќ на европската
идеја“ – истакна Османи. Тој посочи дека по 15 години статус на земја кандидат,
оваа година Македонија го очекува датумот за преговори.
Во текот на разговорот соговорниците разменија мислења и околу билатералната односи и соработката помеѓу двете земји, при што заеднички беше потврден интересот за нивно натамошно унапредување во сите сфери од заеднички интерес. Во оваа насока особено беше потенцирана можноста за размена на искуството од страна на Литванија во процесот на преговори, размена на искуства во имплементацијата на длабоките реформи, како и можноста за директна билатерална поддршка на земјава.