Новости
вторник, 16 октомври 2018 11:36
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со Карл Јохан Хедберг и Един Чолак, претставници на „Бизнис Шведска“, чија улога е да ги истражат и промовираат бизнис потенцијалите за шведските компании.
„Македонија и Шведска имаат исклучително позитивни и пријателски политички односи, што претставува широк потенцијал за соработка и на двете економии“, истакна Османи на Средбата, посочувајќи на активностите на шведската држава како во напредокот не европските и евроатлантските интеграции на земјата, така и на директната билатерална помош која Шведска ја обезбедува за Македонија.
„Македонија се наоѓа на почеток од последната фаза за полноправно членство во Европскта Унијата – објаснувачкиот скрининг пред почетокот на преговорите, што значи и целосна синхронизација на нашата економија и општество со она на Унијата.“ – истакна Османи, посочувајќи го следниот период како најдобра бизнис можност за директни странски инвестиции, со оглед на политичкиот, институционалниот и општествениот напредок кој земјава го очекува.
„Бизнис Шведска“ (Business Sweden), претставува партнерска институција на Владата и шведскиот бизнис сектор, чија улога е да обезбеди потенцијал за економска и бизнис размена на шведската економија, да ги утврди и промовира бизнис и економските можности за соработка, и да обезбеди пристап на шведските компаниите до странските пазари и можности за инвестирање.