Новости
петок, 05 октомври 2018 14:03
Заменик Претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со Торстен Фрај, пратеник во германскиот Бундестаг, кој е во посета на Република Македонија на покана на Фондацијата Конрад Аденауер.
На средбата соговорниците се осврнаа на најновите случувања и текови во однос на напредокот на земјата во процесот на европска интеграција, особено во контекст на резултатите од референдумот и евроатлантските перспективи на земјава.
„Добивме јасна порака од граѓаните до политичките елити да ја преземат одговорноста и да ѝ обезбедат на земјата евроатлантска иднина“, потенцираше Османи, посочувајќи на Парламентот како институција каде треба да продолжи имплементацијата на Договорот од Преспа во чија реализација треба да се вклучат сите политички фактори.
„Имплементацијата на овој Договор ќе се движи паралелно со процесите на имплементација на реформите и обврските дефинирани во заклучоците на јунските самити, како и соодветната реализација на објаснувачкиот скрининг со Европската Комисија кој започна минатата недела“ – истакна Османи, потенцирајќи ја посветеност на Секретаријатот за Европски прашања, за целосна и соодветна подготовка на преговарачката структура за преговорите во јуни следната година.
Османи пренесе благодарност во името на Владата за севкупната поддршка од страна на Германија на Република Македонија, изразувајќи надеж дека и во оваа финална фаза, заеднички ќе ги надминеме последните предизвици за заокружување на евроатланската перспектива на земјава.