Новости
петок, 07 септември 2018 16:07
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи оствари средба со Оливие Кадик, Сенатор во францускиот Сенат и претставник на француските државјани кои живеат надвор од Франција.
На средбата беа отворени темите поврзани со активностите на Владата во насока на подготовка за почеток на пристапните преговори, особено подготовката на тимот и структурата за преговори, како и за предизвиците поврзани со имплементацијата на Договорот од Преспа и претстојниот референдум.
Вицепремиерот Османи најнапред изрази огромна благодарност за досегашната француската поддршка, при што потенцираше дека денешната посета на Сенаторот Кадик претставува потврда за интересот и посветеноста на Франција во поддршката на евроатлантските аспирации на нашата земја.
„Франција е една од клучните политички фактори во рамките на Европската Унија и нејзината улога во процесот на проширување има фундаментално значење за успешност на процесот“, истакна Османи на средбата. Во оваа насока Османи потенцираше дека и земјите од Западен Балкан и Европската Унија заеднички тежнеат кон постабилна и побезбедна Европа во целина, при што не само Македонија туку и земјите од регионот ги поддржуваат заложбите на Франција за покохезивна, функционална и поодржлива ЕУ.
Во продолжение на разговорот Вицепремиерот Османи се осврна и на претстојниот референдум при што додаде дека очекува успешност на референдумот, дека граѓаните ја сфатиле сериозноста на оваа одлука, но и дека воедно очекува зрело однесување од сите политички претставници во земјата, кои нема да ја пропуштат оваа неповторлива шанса за да ѝ помогнат на сопствената земја и на сопствените граѓани, во исполнување на нивната аспирација за членство во ЕУ и НАТО.