Новости
четврток, 22 март 2018 17:03
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со пратеничката од француското собрание која воедно е и Потпретседател на комисијата за европски прашања, Лилиана Танги.
На средбата стана збор за процесот на европска интеграција на Македонија во пресрет на објавувањето на Извештајот за напредокот на ЕК, за поддршката на Република Франција на нашата земја на патот кон ЕУ како и за билатералната проектна соработка.
„Франција е една од клучните политички фактори во рамките на Европската Унија и нејзината улога во процесот на проширување е од фундаментално значење за неговата успешност“, истакна Османи на средбата, додавајќи дека поддршката за проширувањето на Европската Унија што претседателот на Франција, Емануел Макрон, јавно ја презентира во своите изјава, влева силен поттик за реформските процеси во Македонија, но претставува носечки катализатор за европскиот оптимизам и кај останатите земји од Западен Балкан.
“Влегуваме во последниот месец пред априлскиот Извештај на Комисијата за состојбата и напредокот на Република Македонија во европските интеграции, период во кој сиот фокус на Владата е кон имплементацијата на потребните реформи и отстранување на политичките препреки на нашиот евроинтегративен пат и затоа поддршката од Франција е повеќе од добредојдена” -додаде Османи.
За време на средбата Османи изрази благодарност до француската влада за директната експертска поддршка на Секретаријатот за европски прашања преку присуство на Франсоа Лафонд како специјален експерт кој е веќе третиот последователен француски стратешки советник во институцијата.
Соговорниците за време на разговорот заеднички се согласија дека македонско-француската група во рамките на францускиот парламент може дополнително да ја зајакне парламентарна соработка преку споделување на искуството во врска со прашањата поврзани со процесот на интеграција во ЕУ, бидејќи улогата на националните парламенти и Европскиот парламент е клучна за процесот на проширување и за новите политички реформи во ЕУ.
Во однос на билатералната проектна соработка соговорниците заеднички се согласија дека постои голем потенцијал за проширување на истата, особено во областите на образованието, како и за градење на капацитети и обуки за државни службеници.