Новости
четврток, 15 февруари 2018 13:34
Денес, во просториите на Секретаријатот за европски прашања Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со амбасадорот на Босна и Херцеговина, Лепа Бабиќ. На средбата беа отворени темите за билатералната соработка меѓу двете земји, процесот на проширување и европската перспектива на регионот по објавувањето на Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година.
Соговорниците за време на разговорот ги потенцираа добрите билатерални односи меѓу двете земји, како основа за остварување на уште подлабока соработка, размена, како и меѓусебна поддршка во остварувањето на евроатлантските аспирации.
За време на средбата тие заеднички се согласија дека Стратегијата за проширување на ЕК претставува една од најважните инцијативи на Европската Комисија за овој регион, затоа што директно покажува дека Европската Унија го враќа фокусот на регионот, а процесот на проширување со земјите од Западниот Балкан - повторно високо на агендата на Европската Унија.
„Имаме исклучително позитивен моментум, предводен од Претседателството на Бугарија со Европскиот совет, кое треба да продолжи со преземањето на претседателството на Австрија, а потоа и на Романија, при што секоја од нив претставува цврст поддржувач на процесот на проширување на Европската унија, но и секоја од нив има нескриен интерес за интеграција на земјите од Западниот Балкан во Унијата“- истакна Османи.