Новости
четврток, 15 февруари 2018 12:18
Заменик Претседателот Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на националната трилатерална конференција насловена „Евроинтеграциите на Македонија и иднината на Европската унија“, пред невладините организации ја презентираше Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година.
„Граѓанскиот сектор претставува нераскинлив дел од изградбата на демократско општество во Република Македонија и ние како Влада веќе создаваме услови за синергија меѓу Власта и невладините организации, нешто што секако во иднина планираме и да го интензивираме“, изјави Османи за медиумите пред почетокот на конференцијата, потенцирајќи го притоа потенцијалите кои ги отвора Стратегијата на Европската Комисија за зголемување на влијанието на невладините организации врз општествените промени.
Во продолжение, Османи пред невладините организации ги презентираше клучните области од Стратегијата за кои Комисијата има предвидено шест, т.н. водечки иницијативи, и во кои се содржат детални акциски планови преку кои Европската Комисија планира директно да се вклучи во подготовката на земјите до Западниот Балкан за членство. „За имплементацијата на акцискиот планови кои произлегуваат од овие иницијативи, Унијата предвидува значајно зголемување на сопствениот ангажман и присуство во земјите, но и значајно зголемување на средствата од ИПА наменети за земјите од Западниот Балкан, вклучувајќи ја тука и Македонија“, истакна Османи пред присутните. Тој додаде дека само за 2018 година, Унијата предвидува средства од преку една милијарда евра, а по излегувањето на Стратегијата, веднаш обезбеди дополнителни 500 милиони евра за регионот за периодот до 2020 година.
Во рамките на презентацијата Османи се осврна и на потенцијалите на Стратегијата за остварување придобивки уште во пристапниот период, особено за бизнис секторот, преку зголемување на средствата за инфраструктура и кредитирање; за младите, преку удвојување на средствата до програмата Еразмус+ за учење и стекнување искуства во земјите членки на Европската Унија; но и севкупно, за сите граѓани, преку бројните мерки и иницијативи за поддршка на вработувањето, поддршка за здравството и образованието, укинувањето на роамингот и подобрување на севкупната комуникација итн.
Конференцијата претставува соработката меѓу Секретаријатот за европски прашања и Центарот за европски стратегии - EUROTHINK, и е дел од проектот „Механизам на граѓански организации за ИПА2“, финансиски поддржан од Европската унија и се одржува по повод објавувањето на новата Веродостојна стратегија за проширување на Западен Балкан.