Новости
понеделник, 29 јануари 2018 11:30
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи одржа брифинг со новинарите на кој иинформираше за евроинтегративниот процес на Република Македонија, поконкретно за имплементацијата на реформите од Планот 3-6-9, отстранувањето на политичките пречки на евроинтегративниот пат, очекувањата во пресрет на Стратегијата на Европската Комисија, како и резултатите од својата мини балканска турнеја.
Османи на почетокот потенцираше дека земјата влегува во клучен период за евроатлантските интеграции, кога се очекуваат и клучните датуми за одредување на нашиот напредок во овие процеси и изрази задоволство од продуктивната средба на политичкиот и државниот врв, со која се отвора ново поглавје во креирањето на политичкиот дијалог во иднина, како една важна одредница за зрелоста на земјата, за постигнување политички напредок, но и како важен услов за нашите европски интеграции .
“За една недела, на 6 февруари излегува Стратегијата на Европската Комисија во која очекуваме Македонија да добие јасна порака за стабилноста и извесноста на нашите европски перспективи.” –истакна Османи.
На брифингот со новинарите Вицепремиерот Османи го истака и напредокот во имплементација на реформите од Планот 3-6-9 во клучните области (реформите во делот на Правосудството, реформата на безбедносните служби и надворешната контрола на полицијата и реформата на јавната администрација) како и напредокот во политичкиот дел т.е. во отстранувањето на политичките пречки на евроинтегративниот пат.
Османи накусо се осврна и на постигнувањата од својата мини балканска турнеја која започна со посетата на Атина на почетокот на годинава. “При мојата посета на Атина, на средбите со Катругалос и Коѕијас, ги дефиниравме активностите кои би можела да ги направи грчката страна, а кои се однесуваат на напредок во нашите евроинтегративни процеси.”- додаде Османи. Во таа смисла Османи изрази задоволство од финализацијата на овие мерки на средбата меѓу премиерите Заев и Ципрас, со што на Македонија ѝ се отвораат значајни можности од аспект на европските интеграции како што е влезот во втора фаза од Спогодбата за Стабилизација и Асоцијација, но и пристап во Јадранско – Јонскиот регион земји.
„ Грција и Македонија почнуваат процес на реципрочни позитивни мерки и активности, кои треба да резултираат со зголемена доверба меѓу двете држави, меѓу двете општества, па ако сакате и меѓу граѓаните на двете земји како основен услов за создавање на позитивна клима во која може да се најде взаемно прифатливо решение за името.“ – изјави Османи на брифингот
Вицепремиерот Османи истакна дека при посетите на Тирана и Белград како дел од мини балканската турнеја клучен сегмент од средбите е постоењето на јасно изразен европски оптимизам и во Албанија и во Србија и одлучност да не се пропушти оваа шанса, овој прозорец на можности и да се постигне напредок во евроинтегративните процеси. Тоа, смета Османи, претставува јасен сигнал дека целиот регион во моментов е ориентиран кон европските перспективи што секако претставува добар знак и за европските перспективи на Република Македонија.
Во контекст на односите со соседите Османи потсети и на значајните средби во Скопје со Министерската за европски прашања на Република Косови, Дурата Хоџа, со кого беше одржан првиот состанок на Заедничкиот комитет за европски интеграции помеѓу Република Македонија и Република Косово, како и средбата со Вицепремиерот на Косово, Енвер Хоџај, со кого беа договорени деталите околу претстојната заедничка владина седница меѓу Македонија и Косово
Османи најави продолжување на Мини балканската турнеја со посета на Софија: “Посетата на Софија очекувам да се реализира по објавувањето на Стратегијата за проширување на Европската Комисија, и која секако ќе биде во контекст на можностите за Македонија од претседавањето на Бугарија со Европскиот совет, како и нашите активности и подготовки за историскиот самит за проширување кој ќе се одржи во Мај, во Софија”- истакна Османи, додавајќи дека напредокот во добрососедските односи со Бугарија е на исклучително високо ниво, особено по ратификација на историскиот Договор за добрососедство во парламентите на двете земји.