Новости
вторник, 23 јануари 2018 13:39
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денес беше домаќин на делегација на Кралството Шведска предводена од Државниот секретар на Министерот за европски прашања и трговија, Оскар Стенстром.
На средбата беа отворени темите за билатералната соработка помеѓу двете земји, евроинтегративниот процес на Македонија, како и за поддршката на Кралството Шведска за процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан.
Османи изрази благодарност за активната улога на Кралството Шведска во фасилитирањето на решението на долгата политичка и институционална криза која ја имаше зафатено земјата, како и за поддршка на евроинтегративниот процес на Република Македонија - поддршка која изминативе децении е континуирана, јасна и недвосмислена и која секогаш оди во насока на спроведување на политиката за проширување на ЕУ. „Очекувам поддршката за Македонија од страна на Шведска да продолжи и во иднина, особено за нашите европски и евроатлантски амбиции“ -додаде Османи.
За време на средбата Вицепремиерот Османи ја потврди посветеноста на Владата целосно и навремено да ги имплементира предвидените реформи од Планот 3-6-9, со цел, подготвена да ги дочека клучните датуми за европските интеграции како што се објавувањето на Стратегијата за проширување на Европската Комисија, Извештајот за напредокот на земјава од страна на Европската Комисија, како и Самитот за проширување во мај во Софија.
Османи ги запозна соговорниците со позитивниот исчекор во развојот на добрососедските односи, односно потпишувањето на Договорот со Република Бугарија, како и напредокот во изградбата на доверба меѓу Македонија и Грција и интензивирањето на контактите меѓу двете земји. „Ни претстои клучен период, историска шанса за да направиме значаен исчекор во нашите евроатлантски интеграции и сега ни е потребна сета поддршка од нашите меѓународни пријатели“, истакна Османи.
На средбата беа отворени и темите за меѓусебната соработка , билатералната помош на Кралството Шведска за нашата земја, за која соговорниците споделија заемни уверувања и очекувања истата да продолжи и во иднина со несмалено темпо, како и за можностите за унапредување на економската размена и соработка.