Новости
среда, 16 август 2017 13:33
Денес, во просториите на Секретаријатот за европски прашања, се одржа трибина на Секретаријатот со претставниците на граѓанскиот сектор. Темата на трибината беше имплементација на Планот 3-6-9. На трибината претставниците од Секретаријатот, предводени од Вицепремиерот Бујар Османи, ги презентираа мерките, активностите и механизмите кои Секретаријатот за европски прашања ги воведува, со цел поквалитетен надзор, координација и имплементација на Планот 3-6-9.
Пред почетокот на трибината, обраќање до медиумите имаше Вицепремиерот Бујар Османи, кој ја истакна потребата од засилена имплементација на Планот 3-6-9, притоа, повикувајќи ги невладините организации, медиумите и воопшто сите заинтересирани страни, да се вклучат секој со своите активности, во процесот на имплементација на Планот.
„Драфтирањето на Планот 3-6-9 можеби беше полесната работа. Планот доби широка поддршка како надвор, од нашите меѓународни партнери, така и дома, кај домашната јавност. Во таа смисла Планот успеа да обезбеди општествен консензус, но сега ни е потребна имплементација. 73 мерки, за 3 месеци, во лимитирачки услови на прогласување избори и летни месеци. Сега е предизвикот, да направиме систем за мониторирање, координирање и за информирање“ – истакна Османи. Тој додаде дека имплементацијата на Планот 3-6-9 претставува обврска преземена пред меѓународните партнери за откочување на евроинтегративните процеси, но и основен предуслов за изградба на стабилно демократско општество и европска држава за граѓаните на Република Македонија.
„Потребно е прашањето на евроинтеграции да го издигнеме на едно супра-партиско, супра-етничко, ако сакате супра-национално ниво, по кое нема да има политичко расправање туку консензус. Тоа се покажа успешно на примерот на Хрватска, каде и позиција и опозицијата се договорија политичкиот натпревар да го водат по сите други теми, а по прашањето на евроинтеграциите да се држат до консензусот“ – истакна Османи.
На трибината земаа учество бројни невладини организации, претставници на медиуми и претставници од Секретаријатот за европски прашања кои се задолжени за имплементацијата на Планот 3-6-9.