Новости
понеделник, 17 октомври 2016 16:34
Секретаријатот за европски прашања и Агенцијата за цивилно воздухопловство денес потпишаа Меморандум за соработка во однос на подготовка на националната верзија на правото на Европската унија од областа на цивилното воздухопловство, како и за соработка за други прашања ва рамките на надлежностите на двете институции.
„Подготовката на националната верзија на правото на ЕУ е сложен процес кој е во функција на усогласување и транспонирање на правото на Европската унија во националниот правен систем, а во исто време и процес во кој треба да се одговори на многубројни предизвици, од лингвистички, стручен и правен аспект“, истакна државниот секретар Ана Блажеска, додавајќи дека квалитетните преводи на правните акти на ЕУ претставуваат општо добро за секој граѓанин на Република Македонија, за деловната заедница, за невладиниот сектор, за институциите на државата. Исто така, државниот секретар Блажеска го истакна и значењето на соработката помеѓу двете институции во делот на обуки на вработените, како и во делот на користење на Европските фондови и билатералната развојна помош.
Директорот на Агенцијата Јандреоски изрази задоволство од потпишаниот Меморандум и најави интензивирана комуникација, како и организирање на семинари и конференции со кои би се унапредила подготовката на националната верзија на правото на ЕУ во областа на цивилното воздухопловство.
Меморандумот за соработка има крајна цел да обезбеди квалитетна и прецизна национална верзија на правото на Европската унија, која ќе најде соодветен одговор на новите поими и концепти што ги носи процесот на европска интеграција во однос на нормативите на македонскиот јазик, како и во однос на постојниот правен систем на Република Македонија.
Цивилното воздухопловство е областа во која Секретаријатот има постигнато најголем процент на квалитетно подготвено законодавство и претставува пример како треба да се реализира меѓуинституционална соработка во однос на преводот на Европското законодавство.