Новости
понеделник, 17 октомври 2016 12:21
Заменик претседателот на Владата на Република македонија задолжен за европски прашања, Арбр Адеми оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Норвешка Арне Санес Бјернстад.
На средбата се разговараше за областите во кои е остварена успешна билатерална соработка меѓу двете земји, која ќе продолжи да се реализира во наредниот период, со унапредување на мерките за соработка, бидејќи како што рече Адеми, во Норвешка гледаме посветен и долгорочен партнер.
„Во насока на концентрирање на напорите и креирање на позначајни резултати со постојните ресурси веќе работиме на нови предлози за соработка за 2017 година“, истакна Вицепремиерот Адеми, додавајќи дека се работи на Платформа за следење, соработка и поддршка која ја најави на минатонеделното затворање на проектот „Одржлив систем за ЕУ обуки“.
Оваа Платформа ќе обезбеди Секретаријатот за европски прашања постојано да ја наметнува и следи реализацијата на Итните реформски приоритети, а за клучните министерства ќе обезбеди техничка помош, обука, како и конкретен систем за тековно известување за статус на активности и постигнати резултати. „Наша намера е, согласно и принципите што веќе ги воведуваме во програмата со Норвешка, клучните институции партнери да обезбедат сопствено финансиско учество, со што ќе инцираме и подлабока реформа на начинот на планирање и користење на јавните средства“, рече Адеми, изразувајќи задоволство од досегашната 12-годишна одржлива соработка помеѓу двете земји.
Од страна на Амбасадорот Бјернстад е посочено на подготвеноста на Норвешка да ја продолжи поддршката и во наредниот период, целосно насочена кон остварување на стратешките приоритети на Македонија за членство во ЕУ и НАТО.