Новости
четврток, 06 октомври 2016 15:20
Секретаријатот за европски прашања (СЕП) и Колеџот на Европа - Натолин од Полска потпишаа Меморандум за разбирање со којшто се отвора простор за натамошно унапредување на знаењата и стручноста на државната администрација која работи во областа на евроинтеграциските процеси.
По тој повод, денес во СЕП, пред заинтересираните претставници од неколку институции и организации се одржа презентација на програмите и можностите што ги нуди оваа престижна европска образовна установа. На презентацијата и претходеше средба на Вицепремиерот за европскси прташања - Арбр Адеми со претставниците на колеџот - Ричард Вашингтон и Матеа Филипин.
„Колеџот на Европа – Натолин е реномиран бренд со конкретни резултати и висока репутација која е добро познатата на сите оние кои работат на тематиката поврзана со ЕУ и со процесот на европска интеграција. Станува збор за високообразовна институција која ги поставила основите на академската дисциплина која денес се нарекува европски студии. Заради тоа, за нас можноста да се соработува и да се искористат капацитетите и знаењето на овој колеџ претсавува привелегија и можност која убеден сум дека ќе знаеме да ја искористиме“, изјави Вицепремиерот Адеми во поздравниот говор на отворањето на презентацијата.
Делегацијата од Колеџот на Европа – Натолин беше поздравена и од Државниот секретар за европски прашања, Ана Блажеска која се заблагодари за напорите кои беа вложени во оваа соработка и изрази очекување за нејзино продлабочување на повеќе нивоа и преку разни проекти.
Во своето обраќање пред присутните, претставникот на Колеџот - Ричард Вашингтон посебно ја истакна поддршката од Вицепремиерот и Државниот секретар и посочи дека овој Меморандум за разбирање е од клучно значење за остручувањето пред сè на државната администрација која работи во областа на ЕУ, но и за идните генерации.
Воспоставувањето соработка на Секретаријатот за европски прашања со Колеџот на Европа - Натолин претставува дополнителна инвестиција во развојот на човечкиот капитал со кој расолага државната администрација, како и нови можности и перспективи за стручно усовршување на младиот високообразовен кадар во земјава, особено во доменот на работата и функционирањето на институциите на ЕУ.