Новости
среда, 05 октомври 2016 16:16
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и национален координатор за ИПА, д-р Арбр Адеми денес имаше свое обраќање на промоцијата на проектот: "Рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во општина Куманово".
Во својот говор Адеми истакна дека овој проект е од големо значење за градот поради долгорочното решавање на проблемите во канализационата мрежа, а се реализира со европски пари – ИПА 1 средства во износ од 4.3 милиони евра. Дополнителни средства преку ИПА 2 се планирани за реализација на различни активности Куманово и околниот регион во висина од околу 11 милиони €.
Вицепремиерот Адеми како национален координатор за ИПА нагласи дека преку ИПА I се реализирани или се во тек на реализација различни проекти од секторот за животна средина во вредност од околу 70 милиони евра € и најави дека преку ИПА II 2014 – 2020, според Националниот стратешки документ за овој сектор предвидени се средства во износ од 113 милиони евра.
Адеми изрази благодарност за поддршката од Европската унија која ја добиваме уште од осамостојувањето и нагласи дека заштита на животната средина и климатските промени имајќи ги предвид европските стандарди и критериуми е од клучна важност за нас, и затоа ќе продолжиме и понатаму да вложуваме напори во реализација на проекти кои ќе ни обезбедат заштита на природата и подобар квалитет на животот на граѓаните на Република Македонија.