Новости
вторник, 27 септември 2016 16:43
За време на неговата посета на Париз,вицепремиерот задолжен за европски прашања Арбр Адеми оствари средба со државниот секретар за европски прашања во француското Министерство за надвореши работи, г. Арлем Дезир.
На средбата, вицепремиерот се осврна на политичката ситуација во земјава и обврските кои произлегуваат од Политичкиот договор, нагласувајќи ја оценката на политичките лидери дека се исполнети условите за организација на парламентарните избори како позитивен исчекор напред.
„Во претстојниот период потребно е да се вложат напори за да се организираат демократски, кредибилни и инклузивни избори чии резултати ќе бидат широко прифатени“, рече Адеми и додаде дека за Македонија е од клучно значење да ја задржи европската перспектива.
Во однос на Итните реформски приоритети, Адеми нагласи дека е потребно да се продолжи со реaлизација на предвидените мерки и активности, со оглед на тоа што станува збор за области кои се од суштинско значење за реформите поврзани со процесот на европска интеграција на земјата.
„Имајќи ја предвид значајната историска улога на Франција во процесите на носење на одлуки во ЕУ, за нас е од исклучителна важност да ја имаме вашата отворена поддршка за евро-атлантските интегративни процеси која беше и потврдена и за време на Парискиот самит“, истакна Адеми.
Дезир ја истакна важноста на договорот од 20 јули како и на исполнувањето на другите обврски од Пржинскиот договор во делот на медиумите и судството со цел на декемврискиот европски совет да се даде соодветна оценка за земјата.
Во однос на миграцијата, соговорниците се согласија дека е потребен координиран пристап и соработка меѓу земјите од регионот и ЕУ со цел да се намали појавата на нелегална миграција.
За време на посетата, вицепремиерот Адеми ќе се сретне и со претседателот на Комисијата за европски прашања во Сенатот а ќе има и обраќање пред Комисијата за европски прашања во Националното Собрание на Франција.