Новости
среда, 07 септември 2016 11:51
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Арбр Адеми имаше свое обраќање на конференцијата „Меѓународните договори од XIX до XXI век и евроатлантските интеграции на Република Македонија“ која се одржа денес, 7.9.2016 година, во Скопје, во организација на Македонската академија на науките и уметностите.
Во своето обраќање, вицепремиерот се осврна на придобивките од процесот на европско обединување како и на важноста да продолжи процесот на проширување со прирастувањето на земјите од регионот.
„Дозволете ми да потсетам на еден дел од минатогодишната Стратегија за проширување на Европската комисија, со кој се потврдува важноста на процесот на проширување, за земјите кандидати, но и за самата Унија: „Политиката на проширување на ЕУ е инвестиција во мирот, безбедноста и стабилноста во Европа. Таа овозможува зголемени економски и трговски можности за заедничка корист на ЕУ и земјите аспиранти за членство. Перспективата за членство во ЕУ има силен трансформирачки ефект врз засегнатите држави, внесувајќи позитивни демократски, политички, економски и општествени промени“, рече Адеми.
Вицепремиерот Адеми повтори дека земјата останува на патот на интеграција во Унијата како една од основните стратешки определби која е дефинирана уште пред 25 години, од осамостојувањето на Република Македонија и изрази уверување дека во претстојниот период и покрај предизвиците со кои се соочуваме и ние како земја, но и Унијата, ќе се посвети потребното внимание и на забрзаната интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ.