Проекти за јакнење на институционалните капацитети на СЕП
Програмата на УСАИД за подобрување на работењето на организациите има за цел да ја подобри изведбата на оние македонски организации кои се сметаат за клучни за развојот на државата и целите што УСАИД Македонија се стреми да ги постигне во секторите за демократија, образование и економија.
Програмата работи со седум избрани партнерски организации со цел да ја зајакне нивната структура, да ги подобри нивните работни процеси и да ги зголеми вештините и знаењето на нивните вработени. Исто така, програмата се стреми да ја зајакне поврзаноста меѓу институциите и да ги подобри клучните процеси со цел испорачување на подобри услуги за граѓаните на Македонија. Активностите на програмата се поделени во три фази: 1) Проценка на изведбата на партнерската организација, 2) Имплементација на предложените интервенции и 3) Редијагноза на изведбата.
Соработката на СЕП со ППРО започна на 15 декември 2014 г., со потпишување на првиот Меморандум за разбирање и соработка. Потоа следеа низа активности поврзани со проценката на изведбата на СЕП, по што беше потпишан вториот Меморандум со кој започна фазата на спроведување на интервенциите чиј опис следи во продолжение.
Спроведени активности:
- Работилници за изготвување план за следење и оценување на спроведувањето на годишната програма на СЕП за 2016 г. на институционално ниво
На 24 февруари и 3 март 2016 г., ППРО реализираше две работилници за изготвување на план за следење и оценување на спроведувањето на годишната програма на СЕП за 2016 г., на институционално ниво. Избран тим од 17 претставници, меѓу кои, државни советници, раководители на сектори и одделенија во СЕП и останати вработени, работеше на финализирање на Рамката на цели и резултати како алатка за планирање и следење на реализацијата на годишната програма на СЕП за 2016 година. Следејќи ги насоките на ППРО тимот, учесниците ги разгледаа и ревидираа институционалните и секторските цели и резултати.
Учесниците на работилницата работат во групи на изготвување на планот за следење и оценка на спроведувањето на годишната програма
Следствено на работата од првата работилница и финализираната Рамка на цели и резултати, на втората работилница учесниците ги ревидираа нацрт-индикаторите на секторско и институционално ниво. Тие ги дефинираа описите, почетната состојба и таргет вредностите за најголем дел индикатори на институционално ниво, како и начините на верификација, одговорните лица за прибирање на податоците и целта на известувањето.
- Работилница за подготовка за спроведување на полугодишно интервју
На 19 мај 2016 г., ППРО реализираше полудневна работилница за подготовка за спроведување на полугодишно интервју. На работилницата учествуваа 20 претставници на раководството на СЕП меѓу кои и државниот секретар, двајца државни советници, раководители на сектори и самостојни одделенија, заменици раководители на сектори и раководители на одделенија. На работилницата беа дадени јасни насоки за спроведување на полугодишно интервју, согласно Законот за административни службеници во делот на управување со ефектот на административните службеници. Беа презентирани сите чекори, активности и обрасци кои што треба да се применат во процесот на спроведување на интервјуто и беа дадени практични одговори на сите прашања од учесниците поврзани со целокупниот процес.
Г-а Ана Блажеска, државен секретар, заедно со останатите учесници ги следи насоките за спроведување на полугодишно интервју
- Фокус група за идентификување на мерки за интринзична мотивација
На 19 мај 2016 г., ППРО организираше фокус група за идентификување на мерки за интринзична мотивација. Групата се состоеше од 20 претставници на раководството на СЕП меѓу кои и државниот секретар, еден државен советник, раководители на сектори и самостојни одделенија, заменици раководители на сектори и раководители на одделенија. Пред групата беа презентирани сет на мерки за интринзична мотивација, а потоа учесниците дискутираа околу применливоста на тие мерки во работната околина во СЕП. Присутните, исто така, дадоа и свои предлози за други мерки за мотивација.
- Средба на претставници на ППРО и УСАИД со Заменикот-претседател на Влада за европски прашања г. Арбр Адеми
На 23 мај 2016 г., г. Ивица Васев од УСАИД и тимот на ППРО предводен од директорот Валбона Морина Максут и заменик-директорот Елизабета Марковска Спасеноска, остварија работна средба со г. Арбр Адеми, Заменик-претседател на Влада за европски прашања. На средбата, тимот на ППРО ги презентираше досегашните резултати од спроведените активности за поддршка на работењето на СЕП.
Г. Адеми изрази голема благодарност за поддршката добиена од страна на ППРО и тоа во воспоставување на системот за интегрирано планирање во СЕП, системот за управување со ефектот на административните службеници и системот за следење и оценување на резултатите од работењето на СЕП.
Г. Арбр Адеми и претставниците на УСАИД и ППРО разговараат за следните чекори од поддршката на ППРО за СЕП
- Работилница за развивање на процеси и процедури за интерна ПР комуникација
Од 25 до 27 мај 2016 г., ППРО реализираше работилница за развивање на процеси и процедури за интерна ПР комуникација. На работилницата учествуваа 13 вработени во СЕП, кои извршуваат задачи од областа на ПР и учествуваат во интерната комуникација од овој домен. Учесниците имаа можност да стекнат знаења од областа стратешко планирање и управување со комуникации, да слушнат и да дискутираат за предложениот модел на ефективни ПР комуникации и да ги разгледаат и тестираат предложените процедури за: 1) проактивни и реактивни односи со јавноста на дневна основа, 2) планирање и организирање на комуникациски настани и 3) планирање и подготовка на периодични комуникациски планови
Учесниците на работилницата вежбаат практична примена на алатките за интерна ПР комуникација