Новости
петок, 03 јуни 2016 09:31
Државниот секретар во Секретаријатот за европски прашања г-ѓа Ана Блажеска оствари неколкудневна работна посета на Брисел. Во рамки на посетата г-ѓа Блажеска имаше повеќе средби со високи претставници на европските институции.
За време посетата Д.Сек. Блажеска оствари средба со новиот Директор за Западен Балкан во рамките на Европската комисија, Геновева Руиз Калавера, која ја презема челната позиција во овој Директорат на 1.6.2016 година. На средбата се разговараше за предизвиците со кои се соочуваме како држава, текот на реформскиот процес, како и мерките кои треба да се спроведат во рамки на Берлинскиот процес. Исто така, се разговараше и за следниот Самит за Западен Балкан кој се одржува во Париз.
Во Брисел, Блажеска оствари средба и со известувачот за Македонија во Европскиот парламент, г. Иво Вајгл, на која беа разгледани активностите кои се спроведуваат во насока на исполнување на предвидените мерки од Планот на активности за реализација на итните реформски приоритети. Потенцирано беше дека фокусот, во следниот период, мора да биде ставен на реформите и мерките кои треба да ги спроведе Република Македонија, а се со цел почеток на преговорите.
Г-ѓа Блажеска оствари средба и со Директорот за стратегија од Генералниот директорат за внатрешни работи и миграција, г-ѓа Марта Сиган со која дискутираше за тековната мигрантска криза и предизвиците со кои се соочува Република Македонија по затворањето на т.н.Балканска рута, како и со директорот Филип Мајцен во Генералниот директорат за преведување, каде стана збор за процесот на подготовка на националната верзија на европското законодавство.
Во рамки на посетата државниот секретар Блажеска оствари средба со в.д. директор на Институтот Роберт Шуман, г. Габор Берцели во рамки на која се раговараше за актуелната политичка ситуација во земјата како и за можностите и пристапите за остварување на меѓусебна соработка.
Исто така, во рамки на посетата беше потпишан и Меморандум за разбирање со Колеџот на Европа што претставува добра основа за понатамошно развивање на соработката со оваа реномирана високообразовна институција во насока на јакнење на капацитетите за пристапување.