Новости
петок, 27 мај 2016 12:18
Денес Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Арбр Адеми оствари работна средба со амбасадорот на Република Косово во Република Македонија Н.Е. г. Илбер Хиса.
Амбасадорот Хиса му го честиташе на вицепремиерот Адеми назначувањето на новата функција со надеж за унапредување на досегашните достигнувања, не само во однос на процесот на интеграција туку и во однос на билатералната и регионалната соработка.
За време на разговорот заеднички беше констатирано дека Република Македонија и Република Косово имаат пријателски односи и одлична соработка. Како приоритети од заемен интерес и понатаму остануваат, понатамошно градење на добрососедство, интензивирање на регионалната и мултилатералнта соработка и поефикасното искористување на европските фондови за тековните и нови проекти поддржани како и натамошниот развој на економската соработка.
Како позитивен пример на продлабочувањето на билатералните односи и зајакнување на економската соработка соговорниците го истакнаа неодамнешното стапување во сила на Спогодбата за условите за патување на државјаните на двете земји.
Вицепремиерот Адеми истакна дека двете земји делат ист стратешки приоритет-членство во ЕУ и дека ЕУ перспективата за земјите од Западен Балкан, вклучително и за Македонија и Косово, е единствената гаранција за стабилноста и просперитетот во овој дел од Европа и дека е обврска и на земјите кандидати и на Европската комисија е да го задржат фокусот на политиката на проширување, а во таа насока го поздрави предлогот на ЕК за визна либерализација со Косово.
Во однос на актуелните политички случувања во земјата соговорниците истакнаа дека по Одлуката на Уставниот суд со која се овозможи враќање на Собранието и откажување на изборите, во наредниот период значајно е да се преземат чекори за целосно исполнување на обврските од Политичкиот договор на инклузивен и транспарентен начин, со посебен фокус на исполнување и на обврските од Итните реформски приоритети.
На крајот од средбата соговорниците го поздравија одржувањето на претстојниот Париски самит кој е продолжение на Берлинскиот процес и Виенската декларација и претставува уште една потврда за поддршката на проширувањето, бидејќи истиот е фокусиран на економскиот развој, поврзувањето и младите и претставува одлична можност за продолжување на соработката со земјите од Западен Балкан.