Во првите шест месеци од годинава Владата го има утврдено текстот на 54 закони од вкупно 106 колку што треба да се усвојат согласно Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПА) во 2010 година што е над 50 проценти од планираното. Од нив 45 се донесени од Собранието, а останатите се во собраниска процедура.
Ова го истакна вицепремиерот задолжен за европски прашања Васко Наумовски при презентацијата на Информацијата за усвојување на правото на ЕУ – ревизија 2010, за периодот од 1 април до 30 јуни пред челновите на собраниската Комисија за европски прашања. Според него, тоа се најдобрите резултати од кога се применува овој инструмент за следење на процесот на усогласување на македонските закони со правото на ЕУ. Тој додаде дека во посочениот период биле транспонирани и 273 мерки, регулативи и одлуки на ЕУ, а за други 18 закони во тек се меѓуресорски координации по што ќе влезат во владина процедура.
- Темпото кое што го воведовме од самиот почеток на годината дава резултати и во првото и во второто тромесечје така што на средината на годината оценуваме дека ова е досега најдобрата година за Националната програма за усвојување на законодавството на ЕУ. Сметаме дека до крајот на календарската година ќе го имаме убедливо најдобриот резултат за реализација на поставените цели и активноисти од таа програма, рече Наумовски.
На неколку дена од одржувањето на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација во Брисел на кој треба да се согледа до каде е Македонија во усвојувањето на европското право, тој укажа на заклучоците од Комитетот за стабилизација и асоцијација одржан минатиот месец во Скопје во кои заеднички е констатиран напредок во реформите во повеќе области издвојувајќи ги правосудството, борбата против корупцијата, формирањето на посебна работна група за следење на реформите во администрацијата.
Претседателот на Комисијата Петар Поп Арсов и член на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека поднесената информација од СЕП е содржаен документ кој заслужува поддршка од Комисијата, а според нотираниот напредок во реформите дека власта има слух за забелешките и укажувањата од ЕК.
- Тоа говори дека евроинтеграцискиот процес останува да биде приоритет на Владата, рече Поп Арсов.
Извор: МИА